fitonePrograma

Dynamic Pilates

Пилатес вежбите на простирка се многу погодни бидејќи не бараат никаква опрема, па од таа причина може да се изведуваат на секое место каде што телото може удобно да се испружи. Вежбањето на пилатес на простирка бара придржување кон неколку начела, а тоа се: концентрација и контрола на движењата кои се изведуваат, средиште (голема група на мускули на абдоменот, долниот дел на грбот, колковите, бедрата, карлицата и задникот), флуидност и прецизност (грациозноста при движењето е поважна од брзината), правилно дишење, интеграција (способност телото да го гледате како една целина).

Првото правило на пилатес вежбите е ВЕЖБАЈТЕ КВАЛИТАТИВНО А НЕ КВАНТИТАТИВНО, што би значело секоја вежба да се направат онолку повторувања колку што дозволува телото а при тоа да не се осети голем замор. Затоа и системот на вежбање пилатес е во 3 стадиуми-почетен, среден и напреден степен. Со специјалната програма на нашиот клуб овозможуваме услуга на 3 степена истовремено со помош на инструктори кои им помагаат на почетниците за побрзо усовршување на техниките на вежбањето.

Секоја вежба од Пилатес на простирка ги придвижува сите мускули, од врвовите на прстите на рацете до прстите на нозете. Со примена на Пилатес методата никогаш нема да изолирате одредени мускули, а да занемарите други. Подеднакво развиените мускули овозможуваат правилно држење, еластичност и природна грациозност на телото.

Со текот на годините часот по пилатес на простирка се надградуа, усовршѕва и креира според потребите на нашите вежбачи. Го моделиравме часот така што може да ги задоволи потребите на секој темперамент, со големиот избор на разновидни вежби што се даваат за време на еден час.

Самото име Dynamic Pilates покажува дека пилатесот во нашиот клуб е динамичен и побрз од оригиналниот метод, но сепак е прилагодн за секое ниво на физичка подготвеност. Вежбите се така одбрани и искомбинирани и трите стадиуми на вежби кои се даваат како опција на вежбачот целосно ги задоволуваат потребите за квалитетно и ефективно извежбување, притоа опфаќајќи ја мускулатурата на целото тело.

Мала историја за Пилатес методата

Пилатес методот за обликување на телото е уникатен збир на вежби за снага и истегнување, кој што пред скоро сто години го развил Џозеф Пилатес. Тој ја осмислил оваа метода на вежби која што се темели на поврзаноста на мозокот и телото, а лекарите ја применуваат скоро еден век.

Во Германија на почетокот на 20 тиот век, Пилатес почнал да го равива овој метод на вежби. Тој како дете бил болен од астма и рахитис, и со намера да го подобри своето физичко здравје, го осмислил овој метод на вежби. Методот го нарекол контрола на мускулите за да го истакне својот единствен пристап - користење на мозокот за да се контролираат мускулите. За време на Првата светска војна додека стажирал, ги подучил своите колеги за примена на овој метод со што ги спасил од епидемија на грип која владеела во 1918 година. Подоцна Џозеф ја користел оваа метода за да го подобри здравјето на своите пациенти, која што се покажала како многу ефикасна, а пациентите брзо се опоравувале.

Пилатес методата и придобивките од пилатесот

Пилатес методата го развива тонусот на мускулите, го подобрува држењето, а телото го прави поубаво. При тоа не треба да се грижите дека ќе создадете преголеми мускули, коишто најчесто се неизбежна последица на другите конвенционални методи на вежбање. Целта на пилатес системот е во тоа да се истегнува и јакне телото, а истовремено да се одржува рамнотежа и поврзаност. Правилното држење на телото, издолжување и контрола на мускулите се основа на пилатес вежбите, и сите различни стилови на подучување се стремат да ја достигнат таа цел.

Ефикасноста од Пилатес методата се согледа во истрајноста и стрпливоста при вежбањето. Убавината на Пилатес вежбите е во тоа што кога ќе ја сфатите нивната суштина и филозофија, истите движења ќе можете да ги применувате во било која ситуација од секојдневниот живот. Секоја вежба сама по себе е важно движење и може да се користи како начин на истегнување и правилно држење во текот на целиот ден. Многу луѓе ги користат овие вежби за да ги подобрат другите активности со кои се занимаваат. Спортистите на пример, ги користат движењата и филозофијата на Пилатес методата во спортските активности. Но без разлика на тоа дали сте спортист или сакате да се излежувате, дали сте млади и витални или стари и нееластични, Пилатес методата ќе го промени начинот на кој се однесувате кон своето тело и ќе ви помогне да се чувствувате здрави и витални.